Азир Алиу е избран за нов министер за здравство
Политички ремикс. Алиу и Хоџа влегуваат во владата. Здравство и земјоделие со нов министер, односно, заменик министер. Мицкоски со образложение за изборот, ДУИ со барање за избори …

Азир Алиу и официјално е нов министер за здравство, а Албрим Хоџа нов заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Пратениците во Собранието ги изгласаа со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан. Смените следат по турбуленциите кај владиниот партнер, коалицијата „Вреди“, којашто ја напушти досегашниот министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Според премиерот, новите кадровски решенија ќе значат поставување нови стандарди во работењето.
„Ниту еден сектор не ја одразува состојбата во едно општество како здравството. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. Во овој процес, д-р Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата. Но, и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник“, рече премиерот Мицкоски при претставувањето на новите имиња за министри“, изјави Мицкоски.
Пред назначувањето на новите кадри, претстоеше и дебата во Собранието. Власта смета дека тоа се докажани професионалци, а опозицијата дека биле промашување.
Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој е редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024, а бил и на други високи и одговорни позиции.
Во биографијата на Хоџа, пак, е наведено дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
При претставувањето на неговиот предлог, премиерот рече дека е млад, но сериозен човек којзнае како изгледа теренот.
Борис Грујоски
