САД

Ескалира ситуацијата во Лос Анџелес

10.06.2025 08:33

Трамп распореди уште 2.000 војници од Националната гарда и 700 маринци во областа и покрај противењата на калифорниските власти и најавите за тужба...

Ескалира ситуацијата во Лос Анџелес. Нови судири, апсења и насилства во продолжените протести поттикнати од имиграциските рации, и разгорени по одлуката на Трамп за распоредување на Националната гарда.

„Беше многу предвидливо што ќе се случи и беше сосема непотребно. Чувствувам како да сме дел од експеримент во кој не побаравме да бидеме дел. Се надевам дека федералната влада ќе го слушне нашиот апел и ќе ги запре рациите. Ова создава страв и хаос во нашиот град, а тоа е непотребно“, изјави Карен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.

Трамп распореди уште 2.000 војници од Националната гарда и 700 маринци во областа и покрај противењата на калифорниските власти и најавите за тужба.

„Ако не ја завршевме работата, тоа место ќе гореше. Ќе видиме што ќе се случува, мислам дека ја имаме ситуацијата под контрола. Беше многу лошо и се движеше во погрешна насока. Сега оди во вистинската“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Калифорниското обвинителство одговори со тужба против администрацијата на Трамп тврдејќи дека неговата одлука е незаконска и го гази суверенитетот на државата.