Улиците во Лос Анџелес како бојно поле
Протестите во Лос Анџелес излегоа од контрола. Центарот на градот прогласен за забранета зона. Претседателот Трамп распореди уште 2 илјади војници од националната гарда и 700-ни маринци и покрај противењата на калифорниските власти и најавите за тужба...

Ескалира ситуацијата во Лос Анџелес. Нови судири, апсења и насилства во продолжените протести поттикнати од имиграциските рации, а разгорени по одлуката на Трамп за распоредување на Националната гарда.
„Целосно го поддржуваме вашето право на мирен протест, но нема толеранција за криминални активности под негова маска“, изјави Шеф Џим Мекдонел -полиција на Лос Анџелес.
И покрај противењата на калифорниските власти, шефот на Белата куќа реши да го дуплира присуството на Националната гарда на 4 илјади војници и дополнително да активира 700 маринци за да го заштитат федералниот персонал и имот.
„Ако не ја завршевме работата, тоа место ќе гореше. Ќе видиме што ќе се случува, мислам дека ја имаме ситуацијата под контрола. Беше многу лошо и се движеше во погрешна насока. Сега оди во вистинската“, изјави Доналд Трамп -претседател на САД.
Градските власти обвинија дека градот се користи за експеримент. Ги отфрлија коментарите дека Лос Анџелес бил нападнат и окупиран од нелегални странци и криминалци. Тврдат-работите биле мирни сè додека не интервенирала федералната влада.
„Беше многу предвидливо што ќе се случи и беше сосема непотребно. Чувствувам како да сме дел од експеримент. Тест за тоа-што ќе се случи кога федералната влада ќе се всели и ќе ги одземе овластувањата од државата или од локалната самоуправа. Не мислам дека нашиот град треба да се користи за ова. Се надевам дека ќе го слушне нашиот апел и ќе ги запрат рациите. Ова создава страв и хаос во нашиот град“, изјави Карен Бас -градоначалничка на Лос Анџелес.
Протестите се проширија и во Сан Франциско, Њујорк, Атланта, Бостон, Далас и други градови низ земјата.
„Се наоѓаме во критичен момент во оваа земја. Има напади врз работниците, врз имигрантите, врз столбовите на демократијата, нашите судови, владеењето на правото и почитувањето на Уставот“, изјави Мани Пастрајх – Њујорк.
„Сите сме поврзани, без разлика каде сме. Само затоа што се случи таму не значи дека не може да се случи овде, може и овде и низ целата земја. Треба да се спротивставиме на тоа“, изјави Пермеш Гусрај – Њујорк.
„Милитаризацијата на нашите заедници и нашите населби за да се задушат мирни протести само ќе послужи за ескалација, разгорување на ситуацијата и загрозување на нашите семејства“, изјави Криси Линч – Бостон.
Калифорниското обвинителство одговори со тужба против администрацијата на претседателот тврдејќи дека неговата одлука е незаконска и го погазува суверенитетот на сојузната држава.
Бојана Крстевски
