Србија започна со масовна приватизација на државните претпријатија
На продажба се ставени 502 фирми од различни дејности, се бараат купувачи од земјата и од странство...

Србија масовно приватизира државен имот. На продажба се ставени 502 фирми од различни дејности, се бараат купувачи од земјата и од странство. Меѓу загубарите понудени на пазарот се најдоа „Галеника“, „Петрохемија“, „Симпо“, „Мостоградња“, железарата во Смедерево и Белградскиот саем. Се продаваат и звучни имиња како „Патишта Београд“, дел од тентот Колубара, белградската рафинерија, ПКБ и ПИК. 73 од претпријатијата се од областа на те-ве и телекомуникациите – Политика, Заводот за учебници, Просвета... За големата распродажба беше усвоен нов закон со нови и флексибилни модели и методи на приватизација.
„Законот предвидува и кој не може да биде купец во постапката за приватизација. Тоа пред се се однесува на тие со коишто во претходниот период бил раскинат договорот за продажба и купувачите кои имаат недоспеани и доспеани обврски кон субјектите на приватизација и тие што се осудени за кривични дела“, рече Иванка Ранковиќ Блажевиќ, директорка на Центарот за приватизација.
Економските експерти оценуваат дека ќе биде добро ако се продадат и половина од овие 502 претпријатија. За другите, предвидени се стечај и ликвидација, што значи дека на улица ќе останат голем дел од 90-те илјади работници што ги вработуваат. Вкупната загуба на претпријатијата во изминатата година се проценува на половина милијарда евра, а имотот на 6,6 милијарди.
Србија од почетокот на годинава, секој ден во просек се задолжувала околу три ипол милиони евра, објавија српските медиуми. Според Управата за јавен долг, задолжувањата достигнале речиси 21 милијарда евра или две третини од БДП-то. Според економистите, нема основа за стечај и земјата не е ништо позадолжена од земјите во регионот.
