Одбележувње на Денот на воздухопловниот ВИНГ
Во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (ВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа, 10 Јуни – Денот на единицата, ден кој симболично го одбележува првиот воен лет во историјата на Армијата во 1992 година и кој денес е институционален белег на военото воздухопловство на Армијата...

Со воена свеченост која се одржа во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (ВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа, 10 Јуни – Денот на единицата, ден кој симболично го одбележува првиот воен лет во историјата на Армијата во 1992 година и кој денес е институционален белег на военото воздухопловство на Армијата.
На свеченоста покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа командантот на Команда за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Командата за операции, команданти на единиците, поранешни команданти кои ја предводеле оваа структура во различни фази од нејзиниот развој, претставници од Министерството за внатрешни работи, Асоцијацијата на одбранбените аташеа, како и претставници од локалната самоуправа.
Началникот на Генералштабот честитајќи го Денот на единицата, истакна дека со напорна работа и посветеност, воздухопловниот ВИНГ прерасна во респектабилна и целосно компатибилна единица, која функционира и се развива согласно стандардите на НАТО. Во рамки на свеченоста, беа доделени признанија и стимулативни мерки за припадници кои се истакнале со особена посветеност и професионален ангажман. Присутните имаа можност да проследат и прелет на воздухоплови со кои располага воздухопловниот ВИНГ и прелет на Ф-16, воздухоплови на грчкото воено воздухопловство во рамки на редовното воздушно патролирање.
Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата, припадниците на ВИНГ организираа спортски активности, крводарителска акција и положија свежо цвеќе во знак на почит кон трагично загинатите припадници на ВИНГ – чин кој сведочи за негувањето на духот на солидарност, грижа и институционално сеќавање.
10 Јуни останува симбол на континуитет, стручност и визија – темели врз кои се гради иднината на военото воздухопловство на Армијата.
