Забранет увоз на пилешко месо од Бразил
Граѓаните јадат безбедна храна – уверува Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму порачуваат дека во летната сезона ќе ги зајакнат инспекциските контроли и ќе прават вонредни надзори.

Воведена е забрана за увоз на пилешко месо од Бразил поради птичји грип. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Миланов, потврди дека за да се превенира потенцијалното ширење на чума кај малите преживари донеле одлука за забрана на увоз и транзит на мали преживари, месо и преработки од месо. Уверува дека храната што ја консумираме е безбедна и најави засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.
Сепак, граѓаните не се целосно уверени дека јадат безбеднa и квалитетна храна.
За храната со поминат рок на производите, одговорност имаат операторите со храна кои мора да ги почитуваат законските и подзаконските акти, вели Миланов. АХВ по дојава на граѓани, по редовни и вонредни контроли казнува и ја уништува храната со поминат рок, но операторите се должни таа роба заедно со официјален инспектор да ја однесат на соодветните депонии.
Во АХВ има 186 инспектори, но се планира вработување на уште 5-тина инспектори за да биде опфатена територијата на цела Македонија.
Александра Спировска
