Обвинителство

Обвинителството откри детали за случајот со финансиски малверзации во кои е уапсен и познат струмички бизнисмен

10.06.2025 16:20

Бизнисменот Ристо Крмзов доби 30-дневен притвор. Тој е еден од осомничените во случајот, во којшто повеќе физички и правни лица се товарат дека го оштетиле буџетот за над 94 милиони евра. Обвинителството денеска информираше за самата истражна постапка...

Триесетдневен притвор во затворот во „Шутка“ за првоосомничениот Ристо Крмзов, струмичкиот бизнисмен кој се сомничи за финансиски криминал. Мерката е изречена поради опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на делото. Со истрагата опфатени се уште 15 правни и 23 физички лица меѓу кои и осум вработени во УЈП, четворица сметководители се сомничат за перење пари, злосторничко здружување и несовесно работење во периодот од 2019 до 2024-та година.

Буџетот го оштетиле за над 90 милиони евра и прибавиле лична корист од над 30 милиони евра – велат од ОЈО ГОКК.

Според ОЈО ГОКК осомничените организирале поврат на ДДВ под маската на легален профит, преку фиктивна добивка и симулирано плаќање данок со помош на непостојни фирми и лица од Косово. Нелегално стекнатите пари преку државни исплати завршувале во приватни џебови.

„Перените пари најчесто завршувале во недвижен имот, деловни простории кои немале имотен лист. Цената по квадрат од 4 000 евра достигнала до 20 илјади евра. Еден ист објект меѓусебно повеќепати си го препродавале, но само на хартија, без нотарски заверки и банкарски трансакции, а притоа добивале поврат на ДДВ. Имотот од правните лица е замрзнат“, соопштуваат ОЈО ГОКК.

Досега собрана документација од 2.000 страници, па не се исклучува можноста истрагата да се прошири. ОЈО ГОКК очекуваат брза судска разврска. Иницијативата за истрагата е на УЈП поради сомнителните поврати, а ниски профити.

 

Александра Велинова