До 2020-та Македонија ќе се гасифицира!
Целиот проект се проценува на околу 150 милиони евра, а Владата ја усвои и физибилити студијата за гасификација на источниот и на западниот регион...

Најдоцна до крајот на 2020-та, доколку бидат успешни јавните повици, ќе бидат гасифицирани сите 80 општини во земјава, независно дали преку националниот гасовод или пак со користење декомпресорски станици.
Целиот проект се проценува на околу 150 милиони евра, а Владата ја усвои и физибилити студијата за гасификација на источниот и на западниот регион.
„Јавните повици за реализација на овој проект се очекува да бидат распишани веќе до крајот на септември“, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Националниот транспортен систем е така проектиран што ќе може да се снабдува со природен гас од повеќе страни, вели Пешевски. Во вториот и во третиот регион гасификацијата опфаќа вкупно 63 општини.
„Вкупната инвестиција во вториот регион со 37 општини се проценува на 27 милиони евра, времетраењето на изградба на дистрибутивната мрежа би било 4 години. Вкупната инвестиција за третиот регион би била 22 милиона евра“, нагласи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Гасификацијата ќе овозможи многубројни придобивки за фирмите и за граѓаните. Подобрување на конкурентноста на компаниите и заштеда на финансиски средства, но и поевтино греење за домаќинствата.
„Трошоците за загревање на индивидуален објект од 240 квадратни метри, доколку премине од екстралесно гориво на природен гас, би биле помали за 45%“, рече министерот за економија, Беким Незири.
Се очекува во септември да се знае кои компании остануваат во трка за концесионер за снабдување со природен гас на скопскиот регион, до кога комисијата треба да ја заврши евалуацијата на обемната тендерска документација доставена од двете заинтересирани странски компании.
Свето Николовски
