Охрид

Нови патишта до Охрид

10.06.2025 16:30

Ова лето по нови патишта до Охрид. Привршуваат изградбата и реконструкцијата на двете најзначајни делници, автопатот Кичево Охрид и регионалниот пат Охрид Свети Наум. Уредените, современи и безбедни патишта се очекува да го намалат бројот на сообраќајни несреќи и да го зголемат бројот на туристи …

Оваа сезона по нови патишта до главниот туристички центар. Заврши реконструкцијата на патот Охрид Свети Наум, една од најфреквентните делници која води кон плажите, НП Галичица и соседна Албанија. После четири децении патот во должина од 24 километри, конечно е целосно рехабилитиран, поставена е и комплетно нова сообраќајна сигнализација.

Оваа доста значајна туристичка, но и регионална делница на места беше речиси руинирана. Со инвестиција од околу 11 милиони евра, денес е нов и безбеден пат.

И охриѓани и туристите задоволни велат овој проект е од големо значење.

„Патуваме од Германија, дојдовме преку планината. Нагоре патот беше добар но на места не е. Видовме реконструкција, вели гостин од Германија“, вели турист.

„Патиштата околу езерото се многу добри, вели гостинка од Германија“, додава друг турист.

„Во ред е, добро е, коректно и многу убаво кога се прават работи, меѓутоа сепак нема реализација на некои претходни предлог идеи како пример Смарт Охрид и предлогот со мало проширување на патот барем од едно метро да добиеме значајна велосипедска патека, вели охриѓанец.

„Одлично многу добро, треба се да се реновира само напред“, вели друг охриѓанец.

Забрзано тече изградбата на автопатот Охрид Кичево. Првите 40-тина км од Врбјани до Охрид, со исклучок на Ботун, ќе бидат пуштени на крајот од овој месец.

„Се изведува последната фаза пред асфалтирање и градежни активности на клучките Арбиново и Издеглавје. Започната е првата фаза на клучка Требеништа, а интензивно се работи од Подмоље на изградба на столбови за натпатник, потпорен ѕид, како и на изградба на фекална и атмосферска мрежа“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Патната инфраструктура се смета за основа за развојот на туризмот.

„Без патишта нема туризам, може да ги имате најубавите атракции ама ако се непристапни не може да развивате туризам. Она што е важно е дека се работи и се надеваме дека пред онаа главна сезона патиштата ќе бидат спремни“, вели Сашо Коруноски професор на ФТУ Охрид.

Уредени, современи и безбедни патишта се очекува да го намалат бројот на сообраќајни несреќи и да го зголемат бројот на туристи.

Соња Рилковска