Извештајот на Вајц – тест за Брисел
Премиерот Мицкоски очекува Европскиот парламент да го усвои извештајот на известителот за земјава, Томас Вајц. Тој откри дека претставници на Софија вртеле телефони во Брисел за да не помине документот. Според шефот на владата, Бугарија сака да вметне одредница сегашен за македонскиот идентитет и јазик.

Ако извештајот на известителот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц не го усвојат европратениците на 24 јуни, тогаш проблем не е внесувањето на Бугарите во Уставот, туку македонскиот идентитет и јазик – премиерот Мицкоски му фрли ракавица на Брисел. Според шефот на владата, најголем дел од европратениците му даваат шанса на предлогот на Вајц.
„Ако не помине, ако повторно се одложи, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека проблем не се неколкуте стотини граѓани кај нас кои се дел од бугарската заедница да бидат во нашата преамбула, туку се дека посебниот вековит македонски идентитет и македонскиот јазик. Тоа е суштината, тоа е проблемот, сè останато нема врска со реалноста“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на владата.
Во извештајот се споменува посебниот македонскиот идентитет и јазик, но, според Мицкоски, последните случувања во европскиот парламент и реакциите на бугарските европратеници кои бараат смена на Вајц покажале дека во прашање не се само уставните измени.
„Видовме дека за одредени европарламентарци, посебно за европарламентарците, кои доаѓаат од исток и тоа било проблем, што било проблем, па пред сè македонскиот идентитет и јазик, додаваат едно зборче „презент, сегашно“, значи сепак македонскиот идентитет и македонскиот јазик биле проблем“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на владата.
Бугарските европарламентарци му забележаа на Вајц дека имал чести средби со политичари од Македонија, но не и од Бугарија. Според нив, Владата на Македонија му влијаела во водењето на преговорите, па тој го игнорирал, како што велат, насилството врз бугарското малцинство.
Андријана Ѓурческа
