Масакр во средно училиште во Грац
Австрија во шок. 22-годишник изврши масакр во училиште каде порано посетувал настава и наводно бил злоставуван. Тој уби 8 ученици, еден наставник, А ранети и хоспитализирани сè уште 30 лица. Брисел испрати пораки со сочувство до Виена, Австрија прогласи тридневна жалост.

Незапаметен масакр во средно училиште во Грац, Австрија. Десетмина загинати и 12 повредени во напад со огнено оружје. Меѓу жртвите се еден наставник и осуммина ученици на возраст од 14 до 18 години. Сторителот, бил пронајден мртов во еден од тоалетите, се претпоставува дека сам дејствувал и сам си пресудил. Знамињата во Австрија на половина копје, прогласени три дена жалост.
„Темен ден во историјата на нашата држава. Тоа е национална трагедија што длабоко не шокираше. Нема зборови со кои би се изразила болката, разочарувањето и тагата“, изјави Кристијан Стокер, канцелар на Австрија.
„Државата нема да одржува никакви настани во следните три дена. Како гувернер и татко, изразувам желба училиштата да останат место на удобност и безбедност“, изјави Марио Кунашек, Гувернер на покраината Штаерска.
Осомничениот, 21-годишен Австриец од округот Грац-Умгебунг бил поранешен ученик на училиштето. Легално ги купил оружјата – пиштол и пушка непосредно пред нападот. Немал претходни кривични пријави, а речиси и да нема трага од него на социјалните мрежи. Истрагата е во тек. Според медиумите, напаѓачот себеси се сметал за жртва на злоупотреба.
„Првите служби за итни случаи пристигнаа во училиштето неколку минути по итните повици. Пријавени се девет смртни случаи. Десеттата жртва е сторителот, 12 лица се повредени од кои некои потешко. Во интерес на истрагата, само веродостојни информации ќе бидат објавени за јавноста. Сторителот бил поранешен ученик кој не завршил училиште“, изјави Герхард Карнер, министер за внатрешни работи.
Граѓаните во шок и неверување. Мобилизирани екипи за помош и поддршка на населението.
„Мобилизиравме над 30 лица од тимот за кризна интервенција низ цела Штаерска. Поставивме два центри за помош, еден за учениците и еден за роднините и семејството“, изјави Стефан Лосериес, претседател на австрискиот Црвен крст.
Бројни политичари испратија пораки со сочувство.
„Изразуваме најдлабоко сочувство на семејствата на жртвите и на целиот град Грац, заедно тагуваме, додека бараме расветлување на овој ужасен настан во училиште“, изјави Паула Пино, портпаролка на Европската Унија.
Поседувањето оружје во Австрија е дозволено од неколку причини, вклучително и самоодбрана. Дополнително, лицата треба да имаат најмалку 18 години или 21 година за одредени видови оружје.
Маријана Димовска
