Осум иницијативи на денешната седница на Уставен суд
Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12. седница, на чиј дневен ред се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права ...

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12. седница, на чиј дневен ред се предвидени осум иницијативи за оценување на уставност и законитост, две барања за заштита на слободи и права и, како што е најавено, ќе треба да се донесат конечни одлуки за два предмета.
На дневен ред е иницијатива со која се оспорува Член 65, ставови 1 и 2 од Законот за вештачење. Оспорените законски одредби според подносителот на иницијативата содржат непрецизност или двосмисленост и ја нарушуваат функционално-логичката целина на Законот за вештачење, при што се дава можност за недоследно или различно применување на тие законски одредби во практиката. Судиите ќе расправаат и по иницијатива со која се оспорува Член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација и член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Подносителот наведува дека со оспорените акти, со закон прво е приватизиран, па потоа одземен имот во корист на општина Делчево, поради изградба на градски пазар-големи трговски единици изградени на соседни градежни парцели, a на дел е изградена пристапна улица, која не е планирана ниту со ГУП, ниту со ДУП на Општината.
На дневен ред на денешната седница е и иницијатива за оценување на член 19 од Уредбата за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка. Судиите треба да ја разгледаат и иницијативата со која се оспорува Член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, со кој подносителите сметаат дека се прави обид за ограничување на уставното право на слободно здружување. Во иницијативата се тврди дека членот 8 од Статутот е спротивен на Законот за адвокатурата и дека Комората ги пречекорила надлежностите, да уредува односи кои се во надлежност на Собранието. Тврдат дека иако се членови на АКРСМ, тоа не ги ограничува и не значи забрана за членување во други здруженија, сојузи, асоцијации во државата и во странство.
На дневен ред на денешната седница се и две барања за заштита на слободите и правата. Во првиот случај, подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации.
