Царини

САД и Кина постигнаа начелна согласност за трговската рамка

11.06.2025 11:57

Клучно прашање во преговорите се ретките метали од Кина – стратешки суровини за батерии, турбини на ветер и одбранбени технологии...

Преговарачките тимови на САД и Кина постигнаа начелна согласност за трговската рамка, која сега треба да биде одобрена од претседателите Трамп и Џинпинг. Клучно прашање во преговорите се ретките метали од Кина – стратешки суровини за батерии, турбини на ветер и одбранбени технологии. САД бараат враќање на обемот на испораки на ниво што бизнисите го сметаат за оптимален.

„Мислам дека обете страни имаа дополнителен поттик да ги завршат работите. Прво мораше да ја отстраниме негативноста. А сега можеме да продолжиме напред и да се обидеме да водиме позитивна трговија, растечка трговија, што ќе биде корисно и за Кина и за САД“, изјави Хауард Латник, секретар за трговија на САД.

„Се надеваме дека напредокот постигнат на состанокот во Лондон ќе биде корисен за зајакнување на довербата меѓу Кина и САД и за понатамошно промовирање на стабилен и здрав развој на економските и трговските врски меѓу двете земји, а исто така и за внесување позитивна енергија во развојот на светската економија“, изјави Ли Ченганг, претставник на Кина за меѓународна трговија.