Во Австрија тридневна жалост
По масакрот во училиштето во Грац, во австрија тридневна национална жалост. Сите настани се откажани. Полицијата сè уште ги истражува мотивите за убиството, а тоа не може да се утврди од прошталното писмо на 21-но годишниот убиец.

Австрија во тага и тридневна жалост. Минутен молк за жртвите во масакрот во училиштето во Грац каде што беа убиени 10 лица, а уште едно подоцна им подлегна на повредите. Во дворот на објектот – ужалените семејства. Претходно на плоштадот во градот, илјадници граѓани собрани со свеќи и зборови за утеха им оддадоа почит на жртвите и семејствата.
„Семејства на жртвите! Не сте сами, ние сме со вас. Целиот свет нè гледа. Тоа ни дава сила. Во вакви времиња, мора да се држиме заедно“, изјави ученик од средното училиште.
Во нивна чест беше одржана и миса.
„Заедно со сите во овој град и оваа земја, жалиме за загубата на луѓето кои го напуштија овој свет прерано“, изјави Јоханес Фрајтаг -епископ од Грац Секау.
„Шокирана сум како и сите други. Сочувствувам со родителите кои ги загубија своите деца, се надевам дека заедно ќе најдеме начин да не се случи нешто вакво никогаш повеќе“, изјави Елизабет Шустер – 65-годишна жителка на Грац.
Полицијата сè уште го истражува мотивот на 21-годишниот австриски напаѓач кој по крвавиот чин си го одзеде животот. При претрес на неговиот дом е пронајдено проштално писмо и видео кое го оставил за родителите.
„Пронајдено е проштално писмо во аналогна и дигитална форма, тој се збогува со своите родители, но од прошталното писмо не може да се заклучи никаков мотив и ова е предмет на понатамошна истрага“, изјави Франц Руф - генерален директор за јавна безбедност.
Вооружениот напаѓач бил поранешен ученик во училиштето, легално го поседувал оружјето и немал претходни кривични пријави. Медиумите пишуваат дека себеси се сметал за жртва на злоупотреба, иако полицијата не откри детали. Експертите велат дека пристапот до оружје во земјата е многу лесен-21 година, постојан престој и чисто досие е обично доволно. Поседувањето оружје во Австрија е дозволено од неколку причини, вклучително и самоодбрана. По деновите жалост се очекуваат повеќе информации.
Бојана Крстевски
