Втор случај на листерија во Неготино, ќе се утврдува дали изворот на зараза е ист!

15.08.2014 17:15

16 годишна девојка од Неготино е десеттиот заразен со листерија. Втор пациент од градот. Комисијата за заразни болести попладнево одржа состанок...

Десетти случај на листерија. На инфективна хоспитализирана 16 годишна пациентка од Неготино. Нема поврзаност со последниот случај кој е од истиот град- велат надлежните. Ќе се утврдува дали можеби двајцата јаделе од иста храна или изворот на зараза е друг. По дадената терапија девојката е во добра здравствена состојба, а се подобрува и состојбата на 46 годишниот маж од Неготино, но сеуште е на апарати за дишење.

„Ќе се обидеме да ги споредиме последниот и претпоследниот случај на листерија. Сите случаи за кои досега зборувавме, ги поврзуваме исклучиво со користење на идентичен производ во нивната исхрана. Значи тука не постои друг начин освен користење на заедничка идентична храна“, рече директорот на Инфективната клиника, Звонко Миленковиќ.

За анализите на агенцијата за храна и ветеринарство според кои нема листерија во производите на „Екста Меин“ првиот човек на Инфективна смета дека е важно утврдувањето на генотипот на бактеријата. Може да ја нема во 100 испитани примероци, но тврди - и еден позитивен случај не треба да се занемари. Попладнево „Екстра Меин“ преку соопштение реагираше на оваа изјава, поставувајќи прашања до директорот на Инфективната клиника.

Се уште е неизвесно каде ќе се изврши супер анализата на мострите земени од производите на „Екстра Меин“ што беа повлечени од промет. Примерокот се чува во Центарот за јавно здравје во Вeлес. Извесно е дека тоа ќе биде меѓународна референтна лабораторија чие име нема да биде објавено заради избегнување евентуални притисоци и добивање објективен резултат. Мострите ќе бидат испратени во најкраток рок.

Надлежните уште еднаш потсетија на фактот дека листеријата има долг период на инкубација, до70 дена, па затоа тешко се открива,  а се пренесува преку храна.

 

Андријана Атанасовска