Прогласен полициски час во дел од Лос Анџелес
Прогласен е ноќен полициски час во дел од Лос Анџелес по што следеа масовни апсења на демонстрантите. Полицијата користи шок бомби и спрејови од лута пиперка за да ги смири немирите со мигрантите и нивните поддржувачи поради кои претседателот Трамп нареди распоредување на Националната гарда, американската воена резерва и на маринците. Според Њусом, гувернерот на Калифорнија, во која вообичаено победуваат демократите– Трамп ја нападнал американската демократија …

Една квадратна милја е површината во градот на ангелите на којашто градоначалничката Бас прогласи полициски час во траење од осум навечер до шест часот изутрина. Од наредбата се изземени жителите на областа, бездомниците, медиумските работници и државните службеници. Полицијата веќе уапси над 400 демонстранти кои се притворени во Федералниот центар во градот. Состојбата е светска медиумска атракција.
„Се наоѓам пред Федералниот центар за притвор во центарот на Лос Анџелес. Ова е исто така и местото каде што избувнуваат насилните протести во последните неколку дена. Откако градоначалничката Бас прогласи полициски час, демонстрантите се собраа тука по што реагираше полицијата. Пред неколку мига избувнаа нови насилни судири“, изјави Џанг Шуо-репортерка на кинескиот медиски сервис.
„Со полицискиот час го запираме вандализмот и грабежите. Многу од бизнисите се на удар поради протестите, регистриравме 23 ограбени фирми. Мојата порака е ако не живеете или работите во центарот на градот, избегнувајте ја областа“, изјави Карен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.
Наспроти локалната, централната власт на Калифорнија е против воведувањето вонредна состојба. Гувернерот Њусом го обвини Трамп за поткопување на демократските вредности. Се јавувал кај спикерот на Конгресот, залудно.
„Трамп со тешка метална топка како во градежништвото ја урива демократијата. Побара бланко дозвола да управува со Националната гарда. И други држави ќе дојдат на ред“, изјави Гевин Њусом-гувернер на Калифорнија.
Во Форт Брег, на показната вежба на Американската армија, Трамп ја објасни одлуката за распоредување на гардата и на маринците. И во Европа миграцијата води кон хаос.
„Неконтролираната миграција води кон хаос, нефункционирање, кон неред. И во Европа го имаат истото. Затоа мора нешто итно да направат додека не е предоцна. Ќе го ослободиме Лос Анџелес и ќе биде повторно чист и безбеден“, изјави Доналд Трам, претседател на САД.
Во Атланта, Џорџија на демонстрациите против Одделот за имиграција се уништени полициски возила. Во Чикаго, Илиноис, како и во другите федерални единки, граѓаните протестираат поради Лос Анџелес. Велат, нема да дозволиме да не замолчат.
Зоран Богатинов
