Николоски: Формирано координитавно тело за реализација на договорот со Велика Британија
Владата на вчерашната седница ги отпочна првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија...

Владата на вчерашната седница ги отпочна првите чекори за реализација на Договорот со Велика Британија и веќе е формирано Координативно тело кое ќе ја следи реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија, информираше денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Членови на координативното тело покрај мене се: министерот за надворешни работи и надворешна трговија, министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, министерот за дигитална трансформација, министерот за здравство, директорот на Македонски железници-Инфраструктура, Генералниот секретар на Владата и Државниот првобранител, а телото може да кани и други гости по потреба, коишто ќе ја следат реализацијата на Договорот помеѓу Македонија и Велика Британија“, истакна вицепремиерот Николоски.
Николоски додаде дека на вчерашната владина седница е направен и првиот чекор, за отпочнување на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, од границата со Грција до границата со Србија.
Имено Владата на предлог на Министерството за транспорт, донесе Одлука, со којашто се задолжува Министерството за финансии, на меѓународниот финансиски пазар, низ една отворена и транспарентна процедура, да изнајде финансии за спроведување на овој проект. Должината на пругата треба да се некаде над 200 км., истата треба да е двоколосечна, во патничкиот сообраќај треба да има брзина од 160 км/ч, а во карго сообраќајот треба да има брзина од најмалку 120 км/ч и рокот за реализација треба да е некаде 5 години. Очекуваме во текот на летните месеци да имаме поконкретни детали околу финансирањето на проектот, и секако да одиме кон фаза на избор на изведувач, којшто би почнал уште од оваа есен да работи на теренот. Ќе работиме во заеднички проект, каде што и проектирањето и изведбата ќе бидат од еден изведувач и најверојатно ќе се оди според FIDIC правилата или според така наречен жолт FIDIC или според така наречен среден FIDIC, изјави вицепремиерот Николоски.
