Во Собранието се одржа стручна средба за справување со странско мешање и манипулирање со информации
Во Северна Македонија не постои систематизиран пристап за справување со странско мешање и манипулирање на информации (СММИ), ниту институционален механизам за брза и координирана реакција. Оваа празнина во политиките ги загрозува националната безбедност...

Во Северна Македонија не постои систематизиран пристап за справување со странско мешање и манипулирање на информации (СММИ), ниту институционален механизам за брза и координирана реакција. Оваа празнина во политиките ги загрозува националната безбедност, јавната доверба во институциите и демократската стабилност. Ова беше констатирано на денешната стручна тематска средба посветена на заканите од СММИ, организирана од собраниската Комисија за одбрана и безбедност во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Александра Теменугова од ИКС кажа дека за препознавањето и справувањето со странското мешање и манипулирање со информации потребна е институционална зрелост и општествена отпорност.
На настанот, кој собра пратеници, експерти, претставници од институции, медиуми и граѓанскиот сектор, беа презентирани двете аналитички студии на ИКС – „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“ и „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“.
Наодите од двете студии укажуваат на сериозни институционални и законски слабости во справувањето со координирани дезинформациски кампањи поттикнати од странски државни и недржавни актери. Недостатокот на стратешка координација, нефункционални правни механизми, ранлив медиумски простор и ниско ниво на медиумска писменост ја прават земјата подложна на хибридни закани и манипулативни наративи.
„Под странско мешање и манипулација со информации се подразбира и хидбридна војна и затоа е потребна соработка на институции од различни полиња, од одбранбен, безбедносен и медиумски аспект“, кажа Конрад Блејер-Симон од Европскиот универзитетски институт во Фиренца, Италија, автор на една од студиите. Тој нагласи дека на годишно ниво во Северна Македонија има од еден до пет напади и нагласи дека најважно е мерките за справување со странското мешање и манипулирање со информациите да ги предложат независни агенции.
На дискусијата се констатираше дека справувањето со странско мешање и манипулирање со информации треба да се заснова на сеопфатен и демократски пристап, каде што институциите, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните партнери ќе соработуваат во градењето на отпорно и информирано општество. Институционалната реакција треба да биде брза, пропорционална и транспарентна, во согласност со стандардите и вредностите на НАТО и ЕУ.
Средбата беше организирана во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, што го спроведува Институтот за комуникациски студии, кој е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.
