Судски совет

Расправа во МАНУ за Предлог-законот за Судски совет

11.06.2025 17:24

Додека граѓаните се дават во чувство на неправда, а институциите тивко се гаснат под товарот на скандали и политички влијанија, врвни правници и академици алармираат: судско-обвинителскиот систем е во слободен пад. Довербата е урната, а реформите не смеат да бидат козметички – време е за коренити промени, но во рамките на Уставот. Во МАНУ, на иста маса седнаа правдата и критиката – професори, судии, академици. И сите со еден глас: „Доста беше компромиси“...

Довербата во судско-обвинителските институции е на многу ниско ниво, затоа потребни се сериозни законски измени, но тоа да биде согласно Устав, велат универзитетски професори. Ова е само една од точките на која се дебатираше во МАНУ, но и за предлог-Законот за судски совет, каде на иста маса седнаа истакнати правници, професори, академици, судии.

Академик Владо Камбовски смета дека за избор на судии, обвинители мора да бидат истакнати искусни правници со интегритет кои не би го извалкале својот углед.

Со новиот закон за Судски совет треба да се надминат недостатоците, да се утврдат рокови за постапување на советот, прецизни критериуми со поимот „истакнат правник“, како и процедури за разрешување на претседател на Советот, велат професорите.

На вакви високи позиции мора да се бираат луѓе со интегритет и искуство, а тоа ќе значи и брана за влез на политиката во судството, што во никој случај не смее да се практикува.

Дека се потребни сериозни реформи смета и експертската фела.

Пред три месеци, парламентарното мнозинство во Собранието ги изгласа интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет. Сепак, гласањето на нивната недоверба не значи и автоматски оставки. За заминувањето од функциите одлучат самите, а така налага и Законот за судски совет. Членовите рекоа дека нема основа за оставки, оти не го прекршиле Законот.

 

Борис Грујоски