Интеграции

Мицкоски: Софија сака да создаде нова македонска нација

11.06.2025 16:23

Нова нација, нов јазик – премиерот Мицкоски предупредува на обид за бришење на македонскиот идентитет. Извештајот на Вајц ја потврдува македонската посебност, и тоа треба да се поддржи во ЕП, вели тој …

Целта на официјална Софија не е внесување на бугарите во Уставот. Станува збор за обид за создавање на нова македонска нација, која користи нов македонски јазик, кој наводно почива на бугарски корени, смета премиерот Мицкоски. Тоа според него го покажуваат и последните реакции на извештајот на известувачот за земјава во Европскиот парламент Томас Вајц.

Мицкоски вели, оној кој не може ова да го согледа, или е политички аналфабет или не треба да се занимава со политика.

Македонските граѓани се мудри, внимателни и нема да дозволат повторно да се закова шајка на македонскиот идентитет, рече Мицкоски кој повика на 24 јуни, Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент да го усвои Извештајот на Вајц во кој се споменува посебниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик.

Засега, нема потврда за евентуална средба на македонска и бугарска делегација на самитот на НАТО во Хаг.

 

Марија Котовска