Дијабетичарите алармираат за недостиг од терапија
Дијабетичарите на работ на издржливост. Недостиг на инсулин, сензори и транспарентност, додека здравствениот систем молчи. Прашуваат-дали проблемот е во парите или игноранцијата?

Дијабетичарите повторно алармираат за недостиг од инсулинска терапија. Посочувајќи ги проблемите со кои се соочуваат подолго време му посакаа добредојде на новиот министер за здравство. Прашуваат зошто нема доволно инсулинска терапија, иако според новиот тендер предвидено е количините да се зголемат за 30 проценти. Кога ќе се набават ленти и сензори за сите дијабетичари на кои им се потребни .
„Кој ги крати количините и зошто не се испорачуваат соодветни количини од сите инсулини односно целата терапија и зошто сè уште се испорачуваат старите количини по стариот договор со стариот тендер, а склучени се новите тендерски постапки. Зошто нема доволно инхибратори односно „оземпик“ . Дали овие недостатоци се штедење на буџетот или се некои нивни игри, лоша комуникација на штета на нас лицата со дијабетес“, изјави Димче Велев – Сојуз на дијабетичари.
Предупредуваат дека од првото нивно барање изминале три месеци и во овој период се игнорирани од здравствените власти и националната комисија за дијабетес. Дијабетичарите велат – министерот е нов, но не и заменикот и останатите во министерството за здравство, па не би требало да биде проблем да одговорат на барањата на пациентите.
Од Националната комисијата за дијбатес велат сите типови на инсулинска терапија во континуитет се испорачува во аптеките, количините не се скратени.
„Во врска со лекот „оземпик“, количините кои се доставуваат до инсулинските аптеки се идентични со месеци наназад и ништо не е скратено. Во однос на јавната набавка која се однесува за набавка на инсулински игли и ленти за мерење на гликемија, инсулински пумпи со потрошен материјал, како и за сензори за континуирано мерење на гликемија, формирана е комисија и јавната набавка ќе биде објавена во скоро време“, соопштија Национална комисија за дијабет.
Од новиот министер за здравство подобри услови за лекување и редовна терапија очекуваат и онколошките пациенти.
Андријана Ѓурческа
