Македонија

Доделени 22 Национални признанија за врвни достигнувања во спортот

11.06.2025 17:56

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски на 22 македонски спортисти им доделија Национално признание за врвни достигнувања во спортот. На свечената церемонија што се одржа денеска во Владата на Република Македонија, со Национално признание се стекнаа најуспешните македонски спортисти, освојувачи на титули на официјалните клупски натпреварувања од највисок ранг во екипните олимписки спортови...

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски на 22 македонски спортисти им доделија Национално признание за врвни достигнувања во спортот. На свечената церемонија што се одржа денеска во Владата на Република Македонија, со Национално признание се стекнаа најуспешните македонски спортисти, освојувачи на титули на официјалните клупски натпреварувања од највисок ранг во екипните олимписки спортови.

„Ако спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ. Дека успесите се плод на долги и тешки патеки. Ова признание не е само награда за минатото, туку и порака за иднината. За сите млади таленти кои денес се на животен крстопат и се прашуваат дали вреди да се жртвуваат, да го дадат целото свое време, енергија и срце за спортот и за својата татковина. Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас. Ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можност ќе ви се оддолжи-токму како што денеска им се оддолжуваме на оние кои веќе го испишаа своето име со златни букви“, посочи премиерот Мицкоски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што со поддршка од Владата се испочитувани врвните македонски спортисти за сè она што го имаат направено во кариерата и за промоцијата на државата преку спортот.

„Со овие признанија ја изразуваме нашата почит за сè она што го имаат направено овие македонски спортисти во минатото, но и сè уште го прават бидејќи многумина и денес се активно вклучени и придонесуваат за развојот на спортот и за развојот на свеста за негување на вистински вредности. Со големо задоволство сакам да порачам дека државата, Владата и Министерството за спорт секогаш ќе ги вреднува вистинските спортисти, вистинските спортски вредности и се надевам дека во иднина ќе имаме уште многу големи македонски спортисти што ќе остваруваат врвни резултати и што ќе заслужат вакви награди“ – порача Ристовски.

Националното спортско признание се доделува на најдобрите македонски спортисти за нивните исклучителни клупски остварувања во екипните спортови кои досега не беа соодветно вреднувани.

Со измените во Законот за спорт (член 50-а) што ги направи Министерството за спорт, национално спортско признание со кое се стекнуваат спортисти државјани на Република Македонија „може да се додели и на спортист-поединец за освоен златен медал, односно за освоено прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство од највисок степен во екипните олимписки спортови или во случаите на остварување резултат кој е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар“.

Со тоа конечно се вреднуваат и првата ракометна титула за Македонија во Лигата на шампионите што ја донесе Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, како и двете шампионски титули на Вардар во најсилното европско натпреварување во 2017 и во 2019 година.

Според законските одредби, на спортистот кој стекнал национално спортско признание му се доделува плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година.

Средствата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а се исплаќаат преку органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Условите како и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок, поблиску ги уредува Владата на Република Македонија со уредба.