Украина

Зеленски бара санкции за руските танкери за нафта

12.06.2025 09:36

На Самитот на Југоисточна Европа во Одеса, Зеленски рече дека ограничувањето на цената на 30 долари за руска нафта може да го промени размислувањето во Москва, а најновиот пакет санкции од Европската унија би можел да биде построг...

Украинскиот претседател бара санкции за руските танкери за нафта и финансискиот сектор. На Самитот на Југоисточна Европа во Одеса, Зеленски рече дека ограничувањето на цената на 30 долари за руска нафта може да го промени размислувањето во Москва, а најновиот пакет санкции од Европската унија би можел да биде построг.

„Сите можете да видите дека Путин не сака да ја заврши оваа војна. Тој верува дека сè додека може да се бори и да доминира над своите соседи, останува политички жив. Нашата работа е да ја присилиме Русија во позиција каде што мора да бара мир и политички опстанок со невоени средства. И ова е апсолутно можно“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, Путин објави модернизација на воените капацитети. Шефот на Кремљ изјави дека нуклеарната тријада останува гарант на суверенитетот на Русија и игра клучна улога во обезбедувањето на рамнотежата на моќта во светот.

„Доминантна сила во спроведувањето на современи воени операции од кој било обем и интензитет остануваат копнените сили. Важно е да се зголемат нивните борбени способности во најкраток можен рок, да се создаде солидна основа за развој, да се обезбеди развој на ветувачки модели и системи на оружје со највисоки тактички и технички карактеристики и ресурси за модернизација“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

На фронтот продолжуваат нападите. Вчера Москва ги предаде телата на 1.200 загинати украински војници во рамки на договорот постигнат во Истанбул. Денеска стартува итната размена на тешко ранети затвореници.