САД

Полицискиот час во Лос Анџелес и натаму во сила

12.06.2025 09:42

Полицискиот час во некои населби во центарот на Лос Анџелес и натаму во сила. Од Белата куќа одново со критики кон лидерите во Калифорнија за неуспехот да воспостават ред на улиците. Градоначалничката на Лос Анџелес сака да разговара со Трамп за ситуацијата во градот …

Администрацијата ќе продолжи со напорите за масовна депортација што претседателот и ги вети на американската јавност, велат од Белата куќа. Одново упатија критики кон властите во Калифорнија за неуспехот да воспостават ред на улиците по масовните протести. И покрај критиките од демократите, Трамп е задоволен од својата одлука за испраќање на Националната гарда и маринците за да воспостави ред во Лос Анџелес.

„Земјата повторно си ја враќа силата. Тоа е она што ме интересира. Ќе имаме безбедна земја. Нема да го повториме она што ќе се случеше во Лос Анџелес. Запомнете, ако не бев таму, ако не дејствував брзо, Лос Анџелес ќе гореше до темел во моментов“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Градските власти во Калифорнија потврдија дека ноќниот полициски час за некои населби ќе остане на сила на неодредено време.

„Вонредната состојба што ја потпишав вчера нема временско ограничување, па затоа полицискиот час ќе трае сè додека е потребен. Она што се надевам е дека жителите ја добија пораката дека сме сериозни“, изјави Карен Бас, градоначалничка на Лос Анџелес.

Протестите засега минуваат помирно во другите делови на САД.

„За жал, секогаш ќе има мало малцинство кое ќе го искористи протестот или демонстрацијата за да предизвика хаос. Но, огромното мнозинство од демонстрантите остануваат мирни и организирани“, Брендон Џонсон, градоначалник на Чикаго.

Мексиканската претседателка ги негираше обвинувањата на САД дека поддржува насилни протести.

„Никогаш не сме повикале на никакви акции во Лос Анџелес, но секогаш ќе ги браниме Мексиканците. Тоа е наша работа. Мексиканците таму имаат право мирно да протестираат, повеќето од нив имаат двојно државјанство, мексиканско и американско“, изјави Клаудија Шајнбаум, претседателка на Мексико.

Во меѓувреме, демократите во Претставничкиот дом и во Сенатот ги повикаа републиканците да го спречат усвојувањето на „големиот, прекрасен закон“ на претседателот Трамп. Уредбата предвидува даночни олеснување од неколку трилиони долари и зголемување на трошоците за одбраната и повеќе средства за масовни депортации. Шефот на Белата куќа откако ја презеде функцијата во неколку наврати тврдеше дека ќе депортира од 15 милиони до 20 милиони луѓе кои илегално живеат во САД.

Маријана Димовска