Македонија

Охрид: Со дигитализација до поголема ефикасност во комуналниот сектор

12.06.2025 18:42

Идните трендови и иновации во комуналниот сектор, како и развојот на нови политики и стратегии кои ќе овозможат ефикасно и одржливо снабдување на граѓаните со комунални услуги беше темата на која се расправаше на меѓународната конференција во Охрид. Проблемите поради ниските тарифи на услугите, климатските промени и застарената инфраструктура се слични во европските земји, поради што се потребни иновативни решенија и дигитализација кои ќе придонесат за поефикасно работење на комуналните претпријатија …

Состојбата во која се наоѓаат комуналните претпријатија во земјава е загрижувачка, а најголем фактор за тоа е енормниот раст на долговите. Тој тренд треба да запре, меѓутоа тоа е невозможно ако се знае дека скоро со години наназад цените на услугите остануваат исти, а од друга страна растат оперативните и енергетските трошоци. Тоа во Охрид го изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински кој посочи дека најголем предизвик во иднина ќе биде обновата на комуналната инфраструктура. Според институционалните проценки само за управување со отпадот се потребни инвестиции од 150 милиони евра, додека за водните услуги до 2040-та година се потребни вложувања од 1,5 милијарди евра.

„Нашиот главен фокус како влада е рамномерниот развој и тоа не го зборуваме само декларативно, туку навистина инвестираме во подобрување и модернизација на онаа основа којашто е потребна за квалитетен и удобен живот на граѓаните. И првиот и вториот јавен повик како влада ги моделиравме да одговараат на потребите градоначалниците, т.е. На самите локални самоуправи. Ние како централна влада не учествувавме во делот на тоа со кој проект ќе аплицира општината“, истакна Златко Перински – министер за локална самоуправа.

„Потешкотиите во комуналниот сектор се речиси насекаде исти. Тоа се ниски тарифи, климатските промени и застарената инфраструктура. Водоводните фирми во Македонија се соочуваат со истите проблеми, но добро се справуваат со предизвиците. Бараат странска подршка, но треба да се има политичка волја за решавање на проблемот со тарифите“, изјави Марк Мулер-претставник на шпанска компанија.

Водоснабдителните и канализационите системи во земјава се со изминат рок на траење и има итна потреба од нивна реконструкција и изградба на нови објекти, меѓутоа тоа треба да биде надополнето со дигитализација на претпријатијата.

„Новите дигитални алатки, новите софтвери коишто постојат можат во многу да придонесат да се изврши квалитетно снимање како на водоснабдителните мрежи, така и да се добијат реални податоци за зоните на притисок, подобро балансирање и хидраулично моделирање на мрежите и сето ова не може да се направи без користење дигитални алатки“, изјави Георги Христов – советник на ГИЗ.

Со воведувањето на дигитални алатки според Христов ќе се подигнат перформансите на комуналните претпријатија, бидејќи одлуките ќе се носат врз база на информации, а не на моментални потреби.

Сашо Нелоски