интеграции

Неизвесна средба на македонската и бугарската делегација на маргините на Самитот на НАТО

12.06.2025 16:19

Неизвесно е дали на маргините на Самитот на НАТО во Хаг ќе има средба меѓу Македонија и Бугарија, како што претходно најави и првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта. Од Софија информираа дека нивната делегација ќе ја предводи премиерот Жељазков, а во Хаг патува шефицата на државава Сиљановска-Давкова...

Неизвесна средба на македонската и бугарската делегација на маргините на Самитот на НАТО, откако официјална Софија соопшти дека наместо Радев, во Хаг ќе оди неговиот колега Желјазков. Овој потег е егзибиција и начин на кој со години источниот сосед ја води својата политика, коментар на премиерот Мицкоски. На оваа тема тој ќе разговара со претседателката Давкова која ќе присуствува на јунскиот самит. Ако има иницијатива за средба од бугарска страна – ние ќе прифатиме вели првиот човек во владата.

Предлогот за средба меѓу македонската и бугарската делегација на маргините на Самитот на НАТО прв ја предложи, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при посетата на земјава на 15 мај. Изминатите денови премиерот Мицкоски најави дека лично ќе го контактира. Ден пред да биде презентирањето на извештајот за напредокот на Македонија во европскиот парламент, еврокомесарката за проширување Марта Кос се понуди да биде олеснувач во спорот со Бугарија, но како и Кошта а пред тоа и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, потенцираше дека земјава мора да го промени Уставот за да ги почне пристапните преговорите со Европската унија, а Скопје и Софија да ги интензивираат разговорите.

Викторија Милевска