МПЦ-ОА

Избран нов дебарско-кичевски митрополит

12.06.2025 16:58

Игуменот Георгиј е нов митрополит на дебарско-кичевската епархија. Одлуката за наследникот на Тимотеј, Синодот на МПЦ-ОА едногласно ја донесе. Новиот митрополит е поранешен декан на Богословскиот факултет и македонски амбасадор во Ватикан кој неодамна се замонаши. За позицијата, битка се водеше и за епископот Партениј, за кого имаше поддршка од верници кои во изминатите денови одржаа собири.

МПЦ-Охридска Архиепископија доби нов дебарско-кичевски митрополит. На седница на Светиот Синод едногласно е избран неодамна замонашениот јеромонах и подоцна игумен, Георгиј, кој ќе раководи со дебарско-кичевската епархија, на местото на митрополит Тимотеј кој почина минатиот ноември.

Митрополитот Георгиј е поранешен декан на Богословскиот факултет и македонски амбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓорѓевски. Тој бил единствен предлог за митрополит, што според портпаролот на Синодот е редовна постапка при избор на нов митрополит.

На седницата на Синодот не станало збор за барањето на верниците, епископот анталиски Партениј од Бигорскиот манастир да стане дебарско-кичевски митрополит.

Ирина Гелевска