Здравство

Картел во фармацевтскиот бизнис - две веледрогерии казнети за набавка на инсулин

12.06.2025 14:51

Две големи веледрогерии треба да платат казна од 1,7 милиони евра поради незаконско здружување на тендер. Фирмите „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ склучиле забранет договор и создале картел за учество на тендерот за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал...

Две големи веледрогерии ќе треба да платат казна од 1,7 милиони евра поради незаконско здружување на тендер. Вишиот Управен суд го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата според кое, фирмите „Д-р Пановски“ и „Фарма Трејд“ склучиле забранет договор и создале картел за учество на тендерот за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал. Комисијата за ова ќе ги извести и Финансиската полиција и Обвинителството за натамошна кривична постапка.

Комисијата, на дрогеријата „Д-р Пановски“ и изрече казна од над милион евра, а на „Фарма Трејд“ од 721.000 евра колку што се проценува штетата врз буџетот.

 

„Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“-Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка“, велат од фармацевтска компанија АД „Д-р Пановски“.

По решението на Вишиот Управен суд, решението е веќе правосилно.

Министерството за здравство ја распиша јавната набавка во 2016-та година, кога според Комисијата, двете веледрогерии склучиле забранет договор за картел со кој наместо да си конкурираат, ги договориле продажните цени на лековите.

Александра Спировска