Влада

Помош за повредените во дискотеката „Пулс“ и нивните семејства

12.06.2025 17:17

Телефонската линија која ја отвори владата е од голема помош за повредените во дискотеката „Пулс“ и нивните семејства, а тоа го покажуваат податоците дека за само три дена 109 лица ја искористиле можноста да се информираат за нивните потреби, за побрзо лекување...

Привршуваат подготовките на одморалиштето „Пониква“ за рехабилитација на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“. Целта е настраданите во текот на летните месеци да избегнат изложеност на сонце. Рехабилитацијата ќе се одвива во групи кои ќе ротираат на две недели, физиотерапевти, физијатри – тим од лекари, ќе им пружаат 24 часовна грижа. Повредените ќе имаат и психолошка поддршка. Почнува реконструкцијата на кочанската болница, од одделот за физикална медицина.

„Во однос на тие пациенти кои немаат можност да бидат на Пониква, веќе е адаптирана просторија за физикална медицина при одделот на хирургија бидејќи од утре е најавена реконструкција на кочанската болница која започнува од одделот за физикална медицина и рехабилитација, за да имаме подготвен оддел кој ќе ги дочека сите пациенти, тие што се враќаат од странство, но и тоа што се на лекување на скопските клиники“, изјави д-р Катерина Мирчовска – директор на болницата во Кочани.

Заврши проценката на повредите на настраданите во трагедијата. Дел ќе имаат потреба од подолготраен третман, други од операции.

„Сите имаат насоки за понатамошно следење и лекување. Потребен е мултидисциплинарен пристап. Во план е да се направи повторна евалуација во одреден временски период за навремено препознавање компликации“, изјави д-р Гордана Ѓоргиева – Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

За три дена, 109 повредени и нивните семејства доставиле предлози и барања на телефонската линија која е во директна комуникација со канцеларијата на премиерот. Најчестите предлози е како да се скрати времето на патување и лекари да доаѓаат во Кочани за преглед на пациентите.

„Еден од предлозите кои доаѓаат од повредените е да го скратените временскиот период на патување од Кочани до Скопје за да ја направат таа пулмолошка контрола која согласно информациите од докторите се прави на две до три недели иако не е секојдневно сепак и тоа е некој вид оптоварување“, изјави Марија Митева – портпарол на Владата.

Премиерот Мицкоски вели не се меша во истрагата за трагедијата во Кочани, а Јавното обвинителство има одврзани раце до крај да го расветли случајот. Во текот на месецот се очекува Обвинителството да покрене обвинение.

Андријана Ѓурческа