Индија

Авион на „Ер Индија“ со 242 патници се урна во населено место, досега се извлечени 204 тела.

12.06.2025 18:19

Страшна авионска несреќа го потресе светот. Авион на „Ер Индија“ со 242 патници се урна во населено место врз лекарски дом, непосредно по полетувањето од аеродромот во близина на индискиот град Ахмедабад. „Боингот 787“ бил упатен кон Лондон. Се верува дека нема преживеани патници во авионот, а десетици студенти по медицина кои биле во објектот, се пренесени во болница. Досега се извлечени 204 тела.

Патнички авион на „Ер Индија“ со 242 патници се урна непосредно по полетувањето во близина на аеродромот во западниот индиски град Ахмедебад, во населено место врз лекарски дом. „Боингот 787 Дримлајнер“ бил упатен кон аеродромот Гетвик во Лондон. Се верува дека нема преживеани патници во авионот, а десетици студенти по медицина кои биле во објектот, се пренесени во болница.

„Изгубивме многу луѓе. Спасувачките операции се во тек и ќе треба време за да бидат објавени точните детали. Им изразуваме најдлабоко сочувство на сите семејства кои ги загубија своите најблиски“, изјави Рандхир Џаисвал, портпарол на Министерство за надворешни работи на Индија.

„Истрагите се во тек, одржавме состаноци со разни службени лица за да ги испитаме причините, бројот на жртви и работата што се одвива како итна ситуација. Засега е прерано да се зборува за бројот на жртви. Тоа ќе потрае. Наш приоритет е да ги спасиме повредените и да обезбедиме помош во оваа итна состојба“, истакна Мурлидар Мохол, помлад министер за цивилно воздухопловство.

Авионот превезувал 230 патници и 12 членови на екипажот. 169 од нив, индиски државјани, 53-ца Британци, седуммина жители од Португалија и еден канадски државјанин. Индискиот премиер Моди несреќата ја опиша како трагедија што ги шокирала и растажила сите. Соопшти дека е во контакт со министрите и властите кои работат на помош на погодените.

„Знаеме дека британски државјани биле во авионот, канцеларијата за надворешни почна итна работа со локалните власти за поддршка на британските државјани и нивните семејства, и формираше кризен тим и во Делхи и во Лондон“, изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.

„Доставен ни е списокот на патници, имињата не се од португалско потекло, па претпоставуваме дека имаат двојно државјанство, тоа е она што се обидуваме да го потврдиме“, изјави Емидио Соуза, секретар за португалски заедници.

Од Контролата за летање потврдија дека пилотот пријавил проблеми веднаш по полетувањето, а на само 200 метри сигналот бил изгубен. Сведоците велат експлозијата била многу силна, а тела лежеле насекаде.

„Седев дома. Се слушна силен тресок, се чувствуваше како земјотрес. Истрчав и видов чад. Не знаев дека е авионска несреќа. Сфатив откако дојдов тука, го видов урнатиот авион и многу тела што лежат, вели сведок на несреќата.

„Седев во канцеларијата кога се случи огромна експлозија, полиција и толпа луѓе беа собрани надвор, истрчав до овде и видов оган и чад. Немав храброст да се приближам, гледав од далеку. Спасувачката екипа пристигна за десет минути“, рече друг.

Сите летови од аеродромот „Сардар Валабхаи Пател“ во Ахмедабад се привремено суспендирани. Ова е прва несреќа на авион „Боинг 787“ досега, според базата на податоци на Мрежата за безбедност на воздухопловството.

Бојана Крстевски