Израел го нападна Иран
Израел го нападна Иран. Убиени високи команданти и научници. Техеран се закани со жесток одговор …

Тел Авив почна напади врз цели во Иран. Израелските власти соопштија дека ги нападнале иранските нуклеарни постројки, фабриките за балистички ракети и воените команданти. Авиокомпаниите го евакуираа воздушниот простор над Израел, Иран и Ирак. Иранската државна телевизија објави дека генералот Мохамед Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили и највисок воен офицер во земјата, е убиен во нападот.
„Ја погодивме високата команда, ги погодивме високите научници вклучени во развојот на атомската бомба. Ги погодивме нуклеарните постројки. Акумулираме достигнувања. Затоа, ве молам повторно строго да се придржувате до упатствата на Командата на домашниот фронт. Многу е веројатно дека ќе треба да останете во заштитени подрачја многу подолг период отколку што сме навикнати досега“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Ќе има многу предизвици и тешкотии – но убеден сум дека заедно со вашето лидерство и посветеност и со сите гранки на израелските одбранбени сили и со силен и обединет домашен фронт ќе победиме“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Меѓународната агенција за атомска енергија ја следи ситуацијата и потврди дека објектот за збогатување ураниум е меѓу целите. Претседателот на САД, Трамп, јавно се спротивстави на израелскиот напад врз нуклеарните постројки на Иран, изјавувајќи дека сè уште верува во можноста за постигнување нуклеарен договор.
„Би сакал да го избегнам конфликтот. Иран ќе мора да преговара малку построго. Тоа значи дека ќе мора да ни дадат некои работи што не се подготвени да ни ги дадат во моментов“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Светските лидери загрижени за ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
„Австралија е вознемирена од ескалацијата меѓу Израел и Иран. Ова ризикува дополнително да го дестабилизира регионот кој е веќе нестабилен. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од акции и реторика што дополнително би ги влошиле тензиите. Сите ја разбираме потребата, заканата од нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран. Таа претставува закана за меѓународниот мир и безбедност и ги повикуваме страните да дадат приоритет на дијалогот и дипломатијата“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.
„Тоа е навистина непосакуван развој на настаните на Блискиот Исток. Ризикот од погрешна пресметка е висок. На тој регион не му се потребни повеќе воени дејствија и ризици“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.
Израел прогласи вонредна состојба на национално ниво и предупреди дека се очекуваат напади со беспилотни летала и ракети од страна на Иран во најскоро време.
Маријана Димовска
