БЛИСКИ ИСТОК

Израел со над 200 борбени авиони го нападна Иран, ликвидирани воени команданти

13.06.2025 10:02

Опасна ескалација во регионот на Блискиот Исток. Со повеќе од 200 борбени авиони и над 330 различни оружја Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки и фабриките за балистички ракети. Ликвидирани воени команданти, меѓу кои и генералот Мохамед Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили...

Опасна ескалација во регионот на Блискиот Исток. Со повеќе од 200 борбени авиони и над 330 различни оружја Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки и фабриките за балистички ракети. Ликвидирани воени команданти, меѓу кои и генералот Мохамед Багери, началник на Генералштабот на иранските вооружени сили. Меѓународната агенција за атомска енергија потврди дека објектот за збогатување ураниум е меѓу нападнатите објекти.

„Ја погодивме високата команда, ги погодивме високите научници вклучени во развојот на атомската бомба. Ги погодивме нуклеарните постројки. Акумулираме достигнувања. Затоа, ве молам повторно строго да се придржувате до упатствата на Командата на домашниот фронт. Многу е веројатно дека ќе треба да останете во заштитени подрачја многу подолг период отколку што сме навикнати досега“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Врховниот лидер на Иран, Хамнеи, предупреди дека Израел ќе претрпи сериозни последици. Техеран возврати со напади со над 100 беспилотни летала. Израелската одбрана ги повика Израелците да ги следат упатствата на Командата на домашниот фронт и да останат дома или во засолниште.

„Сите одбранбени сили работат на пресретнување на заканите. Важно е да се следат упатствата на Командата на домашниот фронт, тие спасуваат животи“, истакна портпаролот на Израелската одбрана, бригаден генерал Ефи Дефрин.

Воздушниот простор на Иран, Ирак, Израел, Јордан е целосно затворен. Светските лидери загрижени за ескалацијата. Повикуваат на смиреност.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од акции и реторика што дополнително би ги влошиле тензиите. Сите ја разбираме заканата од нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран. Таа претставува закана за меѓународниот мир и безбедност и ги повикуваме страните да дадат приоритет на дијалогот и дипломатијата“, порача Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.

„Тоа е навистина непосакуван развој на настаните на Блискиот Исток. Ризикот од погрешна пресметка е висок. На тој регион не му се потребни повеќе воени дејствија и ризици“, изјави Кристофер Луксон, премиер на Нов Зеланд.

Американскиот државен секретар, Марк Рубио, вели дека САД на никаков начин не се поврзани со нападот на Израел врз цели во Иран и дека Тел Авив презел еднострани дејствија. Претседателот на САД, Трамп, претходно се спротивстави на израелскиот напад врз нуклеарните постројки и рече дека сè уште верува во можноста за постигнување нуклеарен договор

„Ви сакал да го избегнам конфликтот. Иран ќе мора да преговара малку построго. Тоа значи дека ќе мора да ни дадат некои работи што не се подготвени да ни ги дадат во моментов“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Вашингтон нареди повлекување на американскиот персонал од дипломатските претставништва на Блискиот Исток.

Маријана Димовска