Индиските власти почнаа истрага за авионската несреќа во Ахмедабад
Почна истрага за авионската несреќа во Ахмедабад. Се прават ДНК анализи за да се идентификуваат жртвите, пронајдена е црна кутија. Од 242 патници и членови на екипаж кои требаше да летаат кон Лондон, преживеа само еден. На местото на трагедијата пристигна и индискиот премиер Моди.

Се случи чудо при огромната несреќа на урнатиот дримлајнер на индиската авиокомпанија. Седиштето 11а беше спасоносно за само еден британски државјани. Вишваш кумер Рамеш е од Лестер, Англија, ја искористил дупката во трупот на авионот да се извлече од остатоците. Неговото семејство е пресреќно за преживеаниот, и тагува за вториот брат.
„Среќен сум за првиот и многу тажен за другиот. Се слушнав со Вишваш, искрено, нема поим како преживеал и како испаднал од авионот. Тој ни се јави, беше многу загрижен за вториот брат. Викаше, најдете го Аџеј, најдете го Аџеј. Само за тоа се грижеше во моментот“, вели братот на преживеаниот патник, Кумар Рамеш.
Индискиот премиер Моди на местото на несреќата, го посети и преживеаниот, но и меѓу хоспитализираните од лекарскиот интернат во којшто се урна боингот долг 60 метри со исто толкав распон на крилата. Први оценки по трагедијата и од министерот за внатрешни.
„Имаме еден преживеан, ДНК примероците од семејствата на жртвите се собрани. Исто така и од телата на жртвите. Ќе бидат направени и дополнителни илјада ДНК тестови“, изјави Амит Шах, министер за внатрешни на индија.
Индиските Гуџарати, околу 800 илјади во Англија со молитви и молк жалат за жртвите од стравотната хаварија којашто се случи во провинцијата од каде што потекнуваат.
„Ги охрабруваме ужалените, ова се тажни вести. Секое семејство загуби по еден човек, како заедница загубивме толку многу луѓе“, Шри Раџрајешвар Гуруџи од гуџарат заедницата во Лондон.
Лондон испраќа тим за истрага за несреќата, што ќе биде ставен на располагање на индиските колеги.
„Ги истражуваме фактите и за преживеаниот, истрагата е во тек. Во постојана врска сме со индиските власти. Таму е веќе распоредена и наша екипа за истрага. Ќе излеземе со информации што е можно побрзо, но за тоа треба време“, изјави Кеир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
Дефект или неотворени флапсови, крилца кои со помош на воздушната струја го подигаат авионот, удар на јато птици или проблеми со моторот се вообичаени причини за авионските несреќи предизвикани од непостигнатата височина, велат експертите.
Зоран Богатинов
