Блиски Исток

Ескалираше кризата на Блискиот Исток, Израел го нападна Иран

13.06.2025 16:44

Светот живее во страв – ескалираше кризата на Блискиот Исток. Израел го нападна Иран. Погодени се нуклеарни постројки, фабрики за балистички проектили, командни центри, убиени началникот на генералштабот Мохамед Багери, шефот на иранската револуционерна Гарда Хосеин салами, елиминирани и нуклеарни научници. Нетанјаху порачува дека операцијата ќе трае колку што треба, Техеран одговара на нападите. „Ционистичкиот режим ќе се соочи со болна судбина“, се закани ајатолахот Хамнеи...

Врие на Блискиот Исток. Израел ги нападна иранските нуклеарни постројки и фабриките за балистички ракети. Ликвидирани научници, воени лица, меѓу кои и командантот на Иранската национална гарда, има и цивилни жртви. Техеран се закани со одмазда и возврати со беспилотни летала. Израелската одбрана ги повика Израелците да бидат внимателни, прогласена е вонредна состојба. Сирени за воздушен напад активирани и во Јордан, ракети и беспилотни летала забележани над кралството.

„Сите одбранбени сили работат на пресретнување на заканите. Важно е да се следат упатствата на Командата на домашниот фронт, тие спасуваат животи“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската одбрана.

Меѓународната агенција за атомска енергија бара максимална воздржаност и да не се преземаат дејствија што би ги загрозиле луѓето и животната средина.

„Секоја воена акција што ја загрозува безбедноста и сигурноста на нуклеарните постројки ризикува сериозни последици за народот на Иран, регионот и пошироко“, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на МААЕ.

Иран ги обвини САД дека го поддржуваат нападот. Американскиот државен секретар Рубио вели дека Израел презел еднострани дејствија, а САД немаат никаква поврзаност. Претседателот Трамп рече дека однапред бил свесен за нападите, но немале улога во нив. Не запираат повиците за деескалација.

„Очигледно е дека ситуацијата брзо се развива. И ова беше еднострана акција од страна на Израел. Затоа мислам дека е клучно за многу сојузници, вклучувајќи ги и САД, да работат во моментов, за деескалација“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Не ни треба ескалација во регион кој е веќе толку загреан на толку многу начини од регионални причини, но и поради ризикот од ширење проблеми низ целиот свет. Затоа повикуваме на деескалација“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од акции и реторика што дополнително би ги влошиле тензиите“, изјави Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.

„Кина се спротивставува на какво било кршење на суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на Иран и се спротивставува на дејствијата што ги ескалираат тензиите и го прошируваат конфликтот“, изјави Лин Џиан, портпарол на МНР на Кина.

Шефот на Белата куќа се спротивстави на израелскиот напад врз нуклеарните постројки, и рече дека сè уште верува во можноста за постигнување нуклеарен договор. Вашингтон и Техеран водат разговори за нуклеарната програма, нова средба беше закажана за во недела во Оман.

 

Маријана Димовска