СДСМ бара институционална, политичка и кривична одговорност за трагедијата во Кочани
Според Социјалдемократите, благодарение на нивните факти и притисокот, е спроведена акцијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во која се уапсени полициски службеници кои биле на должност за време на трагедијата. Апсењата на ЈО се врз основа на документацијата на МВР, а обврска да постапува и презема дејствија е исклучиво на ЈО, велат од ВМРО-ДПМНЕ...

СДСМ бара институционална, политичка и кривична одговорност за трагедијата во Кочани. Оттаму обвинија дека наместо итно да се постапува се чекало, па се сомневаат дека се уништувале докази. Според Социјалдемократите, благодарение на нивните факти и притисокот, е спроведена акцијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во која се уапсени полициски службеници кои биле на должност за време на трагедијата.
„Денес го отвораме прашањето: колку докази се уништени додека власта ја блокираше правдата? Колку одговорни лица ќе успеат да избегнат казна поради четиримесечното прикривање? Јавноста мора да знае кој ја кочеше истрагата, кој ги штитеше виновните, и кој со молк и лаги учествуваше во прикривањето на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија“, изјави Мартин Костовски – организациски секретар.
Апсењата на ЈО се врз основа на документацијата на МВР, а обврска да постапува и презема дејствија е исклучиво на ЈО, велат од ВМРО-ДПМНЕ. МВР и институциите на системот ги доставиле сите потребни докази и информации за несреќата во Кочани до ЈО уште пред еден месец.
„Пукна балонот на лаги и манипулации на СДС во врска со истрагата за несреќата во Кочани. Сите може да видат дека институциите постапуваат професионално и неселективно. Лаги и манипулации се сите тврдења дека институциите постапуваат по притисок на опозицијата, невешти ПР обиди на СДС да ќари некој политички поен“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
За уапсените 27 полициски службеници постапува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Александра Велинова
