Бислимовски: Израелскиот воздушен напад врз Иран ќе ги зголеми цените на нафтата
Израелскиот напад на Иран утрото предизвика раст на цените на нафтата на светските берзи за околу десет долари, додека во текот на денот цената се намали за три до четири долари. Од Регулаторната комисија за енергетика уверуваат дека во текот на наредната недела нема да има драстично зголемување на цените на нафтените деривати, меѓутоа доколку воениот судир помеѓу Израел и Иран ескалира најверојатно цените ќе растат...

По воздушните удари на Израел врз ирански цели, вклучувајќи ги и нуклеарните постројки утрото цената на светските берзи на бренд нафтата се зголеми за десеттина долари по барел, а тој тренд во текот на денот бележи намалување и изнесуваше 6 до 7 долари. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски вели дека нападите ќе имаат влијание врз цените на нафтените деривати, но сепак не верува дека ќе има некое драстично влијание врз цените во нашата земја во текот на наредната недела. Сепак доколку конфликтот продолжи се очекува цените да продолжат да растат.
„Се надеваме дека ова ќе биде само пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што тоа беше во одреден период кога започна војната во Украина. Имаше пик, па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа помеѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме прв пат ситуација утрово да имаме 78 долари за барел“, вели претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Бислимовски не очекува драстично зголемување на цените на производите и услугите во земјава.
„Како што знаете, кога зборуваме за цените на нафтените деривати имаше цени на нафтени деривати, дизелот кога беше 110 долари, кога беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите кои тогаш се покачија не се вратија назад, така да не верувам дека тоа ќе има драматично влијание и на останатите продукти коишто се користат во државата“, дополни Бислимовски.
Според светските медиуми доколку продолжат нападите врз Иран тоа дополнително ќе ги разниша енергетските пазари, при што е можно нарушување на глобалната испорака на нафта, бидејќи се работи за земја која е значаен производител на нафтени деривати.
Сашо Нелоски
