Обвинение против 34 лица за пожарот во дискотеката „Пулс“
По речиси три месеци од стравотниот пожар со 62 жртви, поднесено е обвинение за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Опфатени се 34 физички и три правни лица, кои со години замолчувале пред очигледното кршење на законите и дозволиле објект што не задоволува стандарди да функционира како кабаре. За за 13-мина, меѓу кои се ексминистри и директори постапката е запрена, а во меѓувреме, приведени сè уште 13 полициски службеници...

34-ца осомничени за пожарот во кочанската дискотека добија статус на обвинети. Истрагата заврши, до судот поднесено обвинение. На одговорност се повикуваат тројцата сопственици и управители на клубот, исто толку поранешни градоначалници, градежни инспектори, вработени во Дирекцијата за заштита и спасување и во Министерството за економија, во фирма за обезбедување имоти и лица. Се товарат за тешки дела против општата сигурност за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
На локацијата не смеело да има дискотека. Објекот бил обложен со лесно запаливи материјали, работел без лиценца и никој со години не контролирал што се случува и дали се почитува законот. Нема докази за 13 лица, меѓу кои и за двајца министри, кои не се опфатени со обвинението.
Дополнително, истрага се отвора и за нови 13 полицајци кои критичната вечер не спречиле палење на пиротехниката, иако требале да знаат дека нејзиното користење не било пријавено во полиција.
Советот за оценка на обвинителниот акт ќе треба да провери 40 страници обвинение, пред да даде амин за продолжување на постапката во судските инстанци.
Анита Димитријевска – Велковска
