Филков очекува измените на Изборниот законик да се најдат пред пратениците до 23-ти овој месец
На нови избори со нов Изборен законик. Додека граѓанските иницијативи реагираат, министерот за правда Филков уверува дека земени се предвид препораките на ОБСЕ/ОДИХР. И реформските закони за судството и обвинителството во „5 до 12“ влегуваат во собраниска процедура.

Идните локални избори треба да се спроведат според нов Изборен законик. Министерството за правда ги вметнало препораките на ОБСЕ/ОДИХР кои за секој изборен циклус се повторуваат. Филков открива дека се испратени на мислење до регионалната безбедносна организација и се чека нејзиното мислење, пред да бидат поднесени во парламентот.
„Се надевам, дека ќе го фатиме крајниот рок до јуни и ќе може да стигне до идните локални избори“, вели Филков.
Рокот е до јуни и декември, согласно со реформската агенда.
Измените на Изборниот законик, министерот очекува да се најдат пред пратениците до 23-ти овој месец, а со тоа ќе се запазат и роковите за реформската агенда. Но, за зелено светло на измените, потребно е бадентерово мнозинство.
„Се надевам дека сите политички партии се свесни дека не смеат да ги кочат законите кои се во интерес за граѓаните“, истакна Филков.
Во законските измени ќе се најде и прагот за потписи за независните кандидати. Консултациите се направени, препораките подготвени. Но, одлуката според Филков се чека од финалната верзија на Изборниот законик.
Спроведувањето на Реформската агенда од Планот за раст треба да резултира со придобивки за граѓаните и забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ.
Борис Грујоски
