инфраструктура

Пуштен во употреба патот Охрид - Свети Наум

13.06.2025 15:51

Официјално пуштен во употреба реконструираниот пат Охрид - Свети Наум. Делницата во должина од 24 км е комплетно реновирана со нова сообраќајна сигнализација. Инвестиција тешка 11,7 милиони евра пари обезбедени од буџетот на ЈПДП...

Пуштен во употреба реконструираниот пат Охрид - Свети Наум. После четири децении патот во должина од 24 километри, конечно е целосно рехабилитиран, со нова сообраќајна сигнализација. Станува збор за една од најфреквентните делници која води кон плажите, НП Галичица и соседна Албанија.

Со овој проект ќе се олесни пристапот на туристите до најголемите туристички атракции на брегот на Охридското Езеро.

„Денеска имаме безбеден, прегледен и рехабилитиран магистрален пат на кој завршивме растеретување на косините, монтирање заштитна челична мрежа, ги подигнавме стандардот на безбедност на оваа делница“, изјави Коце Трајаноски-директор на ЈПДП.

Според премиерот инфраструктурата не е трошок, туку инвестиција во иднината на државата.

„Во моментов паралелно се градат неколку клучни патни правци, автопатот Кичево-Охрид силно се забрзува, делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани-Кичево. Тоа значи дека целосно го затвораме автопатниот прстен во западна Македонија и тука не застануваме“, изјави Христијан Мицковски, премиер.

„Седум години имаше пустош во Македонија инфраструктурните проекти беа застанати како што беше и овој проект целосно застанат имаше бројни проблеми дали се однесуваа на реализација на проектот или лошо проектирање, влеговме и ги решивме“, изјави Александар Николоски министер за транспорт и врски.

Новата делница од витално значење за регионот се очекува да се намали бројот на сообраќајни несреќи и да се зголеми бројот на туристи.

„Ова е проект посакуван од дамнина сега веќе реализиран и треба да претставува поттик за решавање и изработка на проект кој на експресен начин ќе го олесни и сообраќајно ќе ги реши двете најпосетувани дестинации „Заливот на Коските“ и „Св. Наум“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Охрид Свети Наум е најзначајната туристичка и магистрална делница, која пред реконструкцијата на места беше речиси руинирана. Со инвестиција од околу 11, 7 милиони евра, денес е нов и безбеден пат.

Соња Рилковска