Измените на Изборниот законик во собраниска процедура
Измените на Изборниот законик во собраниска процедура. Тие го предизвикаа гневот на граѓанските иницијативи, бидејќи поднесувањето листи со кандидати од група избирачи стана ѓаволски тешка работа. Изборниот праг не е намален...

Граѓанските иницијативи реагираат на измените на Изборниот законик. Велат, високиот праг за потребниот број потписи за кандидатури е оружје против независните листи.
Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв. Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине, незадоволни се од „Независни за Карпош“.
Во Комисијата за политички систем парламентарното мнозинство ги одби седумте амандмани на ДУИ и Европскиот фронт за корекции во измените што ги предложија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН. Од ВМРО-ДПМНЕ велат мора да се пополни правната празнина по одлуката на Уставниот суд.
Европскиот фронт се против на вакви измени со образложение дека не е постигнат етнички и политички консензус, а ниту се земени предвид препораките на ОБСЕ. Според нив е недозволиво во скратена постапка без јавна дебата и на неколку месеци пред изборите да се прават вакви суштински промени.
Измените во Изборниот законик треба да поминат на пленарна седница за да се ефектуираат во практика.
Игор Панов
