Охрид

Почнува петтата Школа за млади лидери на претседателот Иванов

16.08.2014 13:34

Вкупно 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европa, САД, Канада и Кина ќе бидат дел од Школата за млади лидери, што по иницијатива на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, годинава по петти пат ќе се одржи од 19 до 28 август во Охрид.

Основната идеја на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, со цел да се стимулираат позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја.

Во програмата на Школата се вклучени предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични лидерски вежби.

Дел од предавачите на годинешната Школа за млади лидери ќе бидат поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, канадскиот сенатор, Доналд Мередит, потпретседателот на кинескиот телекомуникациски гигант ZTE, Ксиао Минг, основачот на Пи Ворлд, Коста Петров, австрискиот престолонаследник, надвојводата Карл фон Хабсбург, директорот на компанијата за јавни комуникации Расел од САД, Џејсон Мико, поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, Патрик Џефсон, асистентот на поранешниот американски претседател Роналд Реган, Мери Џо Џејкоби, директорот на Мултимод групацијата, Тафшир Авал, правникот Мухамед Мешиќ од БиХ, познат по своето познавање на над 70 светски јазици.

Во изминатите четири години на Школата учествуваа 150 млади луѓе и над 100 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата