Куманово

Кумановската болница доби 24 нови специјализанти, но останува без анестезиолози

15.06.2025 13:21

Нови 24 специјализанти од речиси сите оддели, доби кумановската болница. Но, значаен проблем останува недостатокот на анестезиолози. Во моментов болницата која опслужува 200.000 жители, работи со само две лица, кои идната година заминуваат во пензија. Проблемот засега се решава со ангажирање на специјалисти од скопските клиники...

Кумановската болница „побогата“ за 24 специјализанти, по двајца во речиси сите оддели. Министерството за здравство одобри вработување на 28 лица, што е најголема бројка во државата. Надлежните очекуваат пациентите од североистокот, да добијат поефикасна и навремена здравствена заштита.

„На конкурсот не се пријави специјализант по анестезиологија, еден од психијатрија се откажа и не се пријавија по еден офталмолог и дерматовенеролог. За овие четири места повторно ќе биде распишан конкурс“, изјави директорот на Општа болница Куманово, Сашо Стошевски.

Загрижувачка останува состојбата со недостаток на анестезиолози. Во редовен однос во моментов се само двајца анестезиолози, кои на почетокот на идната година, заминуваат во пензија. Болницата може да остане без ниту еден анестезиолог. Проблемот засега се решава со ангажирање на специјалисти од скопските клиники. Родилките пак се носат на ГАК.

„Некој требало да распише оглас, да прати општи лекари на специјализација пред осум девет години. За да сега имаме специјалисти. Не сакам никого да обвинувам, но порано било желботека со специјализација, којшто сакал тоа го добивал, а не што е реална потреба на градот и болницата“, вели првиот човек на кумановската болница.

Надлежните укажуваат дека само со итна законска измена, да се наложи лекарите да дежураат во установите каде што има потреба. Болницата доставила и барања за вработување на 60 медицински сестри, акушерки, болничари, возачи. Барањата биле до претходниот министер за здравство, одговор не добиле. Лани во пензија заминале 110 лица. Установата опслужува 200.000 жители од североистокот.

Во близина на кумановската болница се дури четири гранични премини, меѓу кои и најфреквентниот во државата, ГП Табановце.

Елена Георгиевска