Јавните водоводни претпријатија пред колапс
Водоводните претпријатија во земјава се на работ на егзистенција. Сериозните загуби на вода, малата наплата на сметките во некои општини, дотраената инфраструктура и ниските цени на услугите се главните причини за ваквите состојби. Од здружението „АДКОМ“ бараат тарифите за водни услуги да ги одредува регулаторната комисија за енергетика, бидејќи општинските советници не покажуваат политичка волја за корекција на цените.

Поради старата и дотраена инфраструктура загубите на вода во водоводните мрежи во земјава се 63 проценти. Со сегашните цени на водата едвај се покриваат трошоците за работа и платите, а за реконструкција на водоводната мрежа, поставување на паметни водомери или дигитализација во моментов не може да стане збор. Поради тоа од Здружението на даватели на комунални услуги бараат одлуките за цената на водата да ги носи Регулаторната комисија за енергетика.
„Секоја општина, секој Совет, секој градоначалник се труди да го држи социјалниот мир во својата општина и затоа кога регулаторна досега ќе понудеше минимална и максимална цена, советниците скоро 100 посто секогаш ја одбираа минималната цена. Со тоа ги доведоа комуналните претпријатија до оваа состојба сега, којашто е мислам дека уште една година, две и нема да можеме да функционираме“, изјави Игор Спасовски – директор на ЈП „Солидарност“ Виница
Состојбата е слична во целиот регион, но и во други европски земји.
„Во Босна и Херцеговина водоводните претпријатија се субвенционираат, но не на начин кој го предлага тарифната методологија. Има многу претпријатија кои имаат големи проблеми или се пред стечај поради ниските цени на водата“, вели Аида Јусуфхаџиќ – советник за развој-ГИЗ Босна и Херцеговина.
„Ниските тарифи, климатските промени и застарената инфраструктура се најголемиот проблем на комуналните претпријатија во Европа. Некои бараат странска помош, но треба да се има политичка волја за решавање на проблемите со тарифите“, изјави Марк Мулер – водоводна компанија од Шпанија.
Експертите посочуваат дека за загубите на водоводните претпријатија голем удел има и превработеноста, а особено загрижува тоа што се вработуваат нестручни кадри од кои претпријатијата немаат никаква корист.
Сашо Нелоски
