Холанѓани импресионирани од подбеласичките села во струмичко
Ќе заживее ли руралниот туризам во струмичко. Групи холандски туристи со години доаѓаат во подбеласичките села и уживаат во локалната храна и убавини. Се интересираат за културата и традициите, но недостасуваат сместувачки капацитети...

Домашни приготвени јадења на традиционален начин. Салати од зеленчук од околните ниви, домашно вино ракија. Ова е дел од менито за гостите кои доаѓаат и уживаат во подбеласичките села.
„Предизвик е да се истражи Вашата земја и да се види како живеат луѓето, културата и природата, сите тие нешта. Затоа сум многу возбудена што сум овде. Прекрасно да се биде овде и да се вкусат Вашите национални јадења“, вели Риоме Вајн – туристка од Холандија.
Туристите веќе не сакаат луксузни хотели и познати монденски места. Сакаат недопрени локални убавини, историја, култура вели Јасмина Коцирова.
Јасмина со нејзиниот сопруг Васко подигнаа сместувачки капацитет. Васко тврди дека овој дел од државата има потенцијал. Странците се интересираат за Беласичката битка.
Селата од подбеласичкиот регион плачат за туризам, но заради немање млади ретко кој инвестира во сместувачки капацитети, иако Беласица нуди широка палета за алтернативен туризам.
Ване Трајков