БИТОЛА

Климатските промени влијаат врз структурата на шумите

15.06.2025 14:35

Климатските промени негативно се одразуваат врз структурата на шумите, додека пак шумите можат многу да помогнат во забавување на овие процеси. Затоа е потребно да се заштитат и зачуваат. Моликата која за прв пат е откриена на Пелистер во 1839-та година и е од огромно значење за овој национален парк, не успеа да ги издржи годинешните снегови, кои уништија илјадници стебла во делот на старата моликова шума...

Јонче Гаговски целиот свој живот го поминал низ патеки на баба планина. Неговите дамнешни сеќавања се за една шума со богат биодиверзитет. Но, во последната деценија, вели тој, структурата на шумата се менува и постепено се празни.

Екстремните зими, сушните лета и честите шумски пожари се сериозна закана за шумскиот еко систем

Климатските промени од година во година го земаат својот данок, еден таков пример е уништувањето на старата моликова шума, еден од највредните ресурси во рамките на паркот.

Моликата е реликтен балкански ендем отпорен на многу ниски температури, но физиолошката старост на македонскиот бор во појасот на старата моликова шума подлегна на снеговите оваа зима и доведе до негово уништување, додека пак глобалното затоплување ја принудуваа таа да се шири кон повисоки и постудени места. Доколку не се преземат конкретни мерки за 30-50 години ќе исчезне старата моликова шума.

23 научници од поширокиот регион, чија специјалност е генетиката и обновливите процеси во рамки на шумите го посетија Пелистер и дискутираа за изнаоѓање решија за зачувување на моликата, еден од предлозите е создавање нов генетски вид поиздржлив на климатските промени.

Во следниот период ќе започне изработка на стручна студија за состојбата и управувањето со моликовата шума, чија цел е да овозможи долгорочна заштита на моликата, кој претставува симбол и биолошко богатство на Пелистер.

Александра Максимовска