Блиски Исток

Иран одговори со бран масовни одмазднички напади врз Израел

14.06.2025 12:51

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Иран одговори со бран масовни одмазднички напади врз Израел по воздушни удари врз неговите нуклеарни постројки и ракетни бази. Погодени се цивилни цели во и околу Тел Авив, Ерусалим и централниот дел од земјата. Има жртви и повредени. САД отфрлаат каква било вмешаност....

Ситуацијата на Блискиот Исток драматично ескалира откако Иран одговори со бран масовни одмазднички напади врз Израел по воздушни удари врз неговите нуклеарни постројки и ракетни бази. Погодени се цивилни цели во и околу Тел Авив, Ерусалим и централниот дел од земјата. Има жртви и повредени.

„Повеќето ракети беа пресретнати од системите за воздушна одбрана или не ги достигнаа своите цели, но имаше и ограничен број на погодоци врз згради, некои од шрапнели“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

„Ногата ми е скршена. Само што излегов со автомобилот од паркингот, слушнав силна експлозија. Остатоците паднаа врз моето возило, заробувајќи ме внатре. Главата ми зуи и немам поим што точно се случи“, вели повреден Израелец.

„Можете да ги видите урнатините зад мене. Прв пат се случува нешто вакво во толку големи размери“, рече Опал Мизрачи, Израелец.

Израел се закани на Иран дека ќе платат многу висока цена за тоа што ја преминале црвената линија со нападите врз цивилни цели, продолжувајќи ги воздушните напади врз Техеран и Исфахан во текот на ноќта. Нетанјаху со повик до иранскиот народ да се крене и да го искаже својот глас.

„Израел не се бори против вас, туку против иранската влада. Режимот не знае што го погодило, ниту што ќе го погоди. Никогаш не бил послаб“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Иранската револуционерна гарда, пак, тврди дека нападите биле насочени кон израелски воени цели и бази. Најавија нови акции со закана дека наредниот удар ќе биде болен за агресорите. За цивилни жртви информираше и Иран.

„Израел ги изврши овие варварски напади со целосна разузнавачка, оперативна и политичка поддршка од САД. Ова не беше самоодбрана. Досега, 78 Иранци се убиени, а повеќе од 320 се повредени, од кои огромното мнозинство се цивили, вклучувајќи жени и деца“, изјави Амир Саеид Иравани, постојан претставник на Иран во ООН.

САД отфрлаат каква било вмешаност. Велат дека однапред биле свесни за нападите, но немале улога во нив. Трамп на социјалните мрежи повторно го повика Иран да склучи договор со САД пред да остане без ништо. Вашингтон и Техеран водат разговори за нуклеарната програма, нова средба беше закажана за утре во Оман.

Бојана Крстевски