Македонија

Политичките партии во жесток судир околу згрижувањето на повредените од пожарот во Kочани

14.06.2025 16:36

За социјалдемократите останува отворено, колку одморалиштето Пониква може да пружи соодветна нега и рехабилитација на повредените од дискотеката „Пулс“ во Кочани. Одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари, велат од ВМРО-ДПМНЕ..

Партиски препукувања, каде да се рехабилитираат повредените од несреќата во Кочани. Социјал-демократите сметаат дека одморалиштето Пониква е несоодветно, а власта, како што велат, импровизира. Велат дека во земјава има други објекти Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои може да бидат пренаменети и опремени за долготрајна нега и рехабилитација.

Јасна ни е намерата да прават политика од секоја тема, но од месечината се гледа очајот на СДСМ, нивниот аматеризам и одењето против интересите на кочанчани. Оценките за ставање во функција на одморалиштето Пониква, освен тоа што се паушални и злонамерни, се во исто време и дегутантни затоа што решија да прават политика и од ова прашање – пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ставањето во употреба на одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари на Министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти. Одморалиштето целосно подготвено ќе ги дочека првите пациенти, по направената дезинфекција, дератизација и дезинфекција од центарот за јавно здравје од Кочани. Во тек се и градежни зафати и адаптирање на одморалиштето за потребите на пациентите“, велат одВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Мицкоски се оградува од работата на Обвинителството, но вели пораките од опозицијата постојано се политички, а одговорноста ќе се види за неколку месеци на локалните избори.

На 40 страници, Обвинителството го подготви обвинителниот акт со кој 34 лица се обвинети. Тројцата сопственици и управители на дискотеката, поранешни градоначалници, градежни инспектори, вработени во дирекцијата за заштита и спасување, во министерството за економија, и вработени во фирма за обезбедување имоти и лица. Се товарат за тешки дела против општата сигурност за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.

Миле А. Ристески