Деветти „Марш на ангелите“ во Кочани
По скоро три месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица, денес се одржа деветтиот по ред „Марш на ангелите“. Долга поворка на блиски и познаници на загинатите и денес потсетија дека очекуваат правда и одговорност за сите кои придонеле за оваа трагедија...

По скоро три месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица, денес се одржа деветтиот по ред „Марш на ангелите“ со вообичаена рута од Паркот на револуцијата, преку трговскиот центар, општинската зграда, полициската станица и судот и обвинителството во Кочани.
Долга поворка на блиски и познаници на загинатите и денес потсетија дека очекуваат правда и одговорност за сите кои придонеле за оваа трагедија.
Претходно родителите на загинатите упатија јавен повик до обвинителите и институциите на државата, обвинувајќи за системска неактивност, неказнивост и политички притисоци во истрагата.
Во повикот, родителите директно ги прозваа институциите дека го развлекуваат случајот, ја намалуваат бројката на осомничени и дозволуваат ослободување на лица кои биле директно одговорни за масовната смрт. Велат дека со внимание го анализираат обвинителниот акт и очекуваат транспарентност и директна комуникација со институциите.
Болката е тешка, велат родителите на жртвите, но до крај ќе се борат за правда за да не се повтори трагедијата во Кочани која одзеде 62 животи.
Славица Величковска
