АРХЕОЛОГИЈА

Откриени пет нови гробници во карпа во Марковите кули

15.06.2025 17:37

Комплексот Маркови кули крие многу археолошко-историски тајни. Археолозите деновиве дооткриваат и истражуваат уникатни гробници во карпа. Истражувањата ќе донесат туристичка атракција за регионот...

Пет нови гробници во карпа дооткрија археолозите при прилепскиот завод и музеј на локалитетот „Крклари“ во комплексот Маркови кули од првиот и вториот век од нашата ера. Комплексот со децении е познат по уникатните гробници во карпа на видни граѓани, но сознанијата изненадуваат.

Вакви гробници по неколку има во Битолско и Гевгелиско, но најмногу, 27, во Прилепскиот регион. Се врзуваат со античките градови Керамија и Колобаиса кај Трескавец.

Археолозите велат дека има уште неоткриени гробници во карпа. Дури и од средниот век.

Во иднина истражувањата ќе покажат што сè се крие околу Марковите кули.

Елизабета Митреска