Врие на Блискиот исток, интензивни напади меѓу Израел и Иран
Жителите на поголемите израелски градови уште една ноќ минаа во засолништа. Иран и Израел продолжија со нападите. Тел Авив обвинува дека Техеран гранатира цивилни цели. Во сенка на воените дејствија на Блискиот исток, Самит на Г7 во Канада. Меѓународната заедница бара да ѝ се даде предност на дипломатијата …

Врие на Блискиот Исток. Иран и Израел продолжија со нападите со ракети и беспилотни летала. Жителите во страв и паника минуваат часови во засолништа. Двете страни објавија за успешни напади врз критична инфраструктура. Техеран таргетира цивили, обвинуваат властите во Тел Авив.
„Ова е резултат на најновиот ракетен напад од страна на Иран врз нашите станбени заедници. Гледаме дека секој од овие напади се насочени кон станбени заедници, цивили во нивните домови“, изјави Дин Елсдун, портпарол на израелската полиција.
Американскиот претседател вели дека двете страни треба да постигнат договор. Според израелскиот премиер прашањето не е деескалација, туку спречување на Иран да го развива својот нуклеарен капацитет. Нетанјаху им се заблагодари на САД и одлучното водство на претседателот Трамп.
„Техеран гори. Но, ние не ги таргетираме цивилите, иако им рековме да се евакуираат. Тие, за разлика од нас, напаѓаат и бомбардираат наши цивили насекаде. Ние, се разбира, работиме поинаку“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Иран не прифаќа преговори за примирје додека земјата е под напади. Иранскиот претседател Пезешкијан го предупреди Багдад да ја зајакне безбедноста по регистрираните напади од нивниот воздушен простор. Иранската војска ги предупреди Израелците да ги напуштат окупираните палестински територии.
„Предупредувања за вашите претстојни денови, напуштете ги окупираните земји, бидејќи тие дефинитивно нема да бидат погодни за вас во иднина. Без сомнение, обемот на разорниот одговор од страна на храбрите ирански борци ќе ги опфати сите области на окупираните земји“, изјави полковник Реза Сајад, портпарол на иранската војска.
Регионот е во продолжен конфликт по ненајдениот напад на Израел во петокот врз иранските нуклеарни и воени објекти, при што загинаа неколку врвни генерали и научници. Францускиот претседател Макрон изјави дека Русија нема кредибилитет да посредува во конфликтот меѓу Израел и Иран, како што предложи американскиот претседател Трамп. Во сенка на воените дејствија на Блискиот Исток, Самит на Г 7 во Алберта, Канада.
„Иран е главен извор на регионална нестабилност и никогаш не може да има нуклеарно оружје. Дипломатското решение останува најдобриот начин на долг рок, за решавање на загриженоста во врска со нуклеарната програма“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
„Ја изразуваме загриженоста за капацитетите за нуклеарно оружје како нешто што претставува закана за безбедноста во регионот. Но, ние, заедно со другите земји истомисленички сакаме да му дадеме приоритет на дијалогот и дипломатијата“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Од почетокот на конфликтот со Хамас од 7 октомври 2023 година, Израел го обвинува Иран за помагање на милитантните групи во регионот.
Маријана Димовска
